Барање за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци

 

Доколку сметате дека е повредено Вашето право на заштита на личните податоци, можете да поднесете Барање за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци. Дирекцијата за заштита на лични податоци може да Ве контактира заради понатамошно постапување по истото.

 

Како да поднесам иницијатива за вршење на инспекциски надзор во Дирекцијата за заштита на личните податоци?

 

Поведувањето на постапка за инспекциски надзор пред Дирекцијата за заштита на личните податоци е едноставно и бесплатно. Се што треба да направите е да го опишете Вашиот проблем во образецот Иницијатива за вршење на инспекциски надзор.

 

 

  1. Во образецот најпрво наведете го називот, односно името и презимето на контролорот кој што Ви ги злоупотребил личните податоци или имате сознанија дека постапил спротивно на Законот за заштита на личните податоци.
  2. Потоа, накратко опишете во што се состои повредата и наведете што досега имате направено и дали сте добиле одговор од контролорот за конкретниот случај.
  3. Во прилог доставете копии од преписките помеѓу Вас и контролорот, како и други докази доколку ги имате. Доколку образецот планирате да го доставите електронски, доказите претходно скенирајте ги и во прилог (attachment) прикачете ги.

 

Начин на достава на Иницијативата

 

  1. Пополнетиот образец може да го доставите електронски на овој e-mail contact@dzlp.mk.

 

Во продолжение сликовито Ви е објаснета постапката за испраќање на образецот по e-mail. Во конкретниот случај користена е програмата Microsoft Outlook 2003.

 

 

 

 

 

 

  1. Доколку не сте во можност електронски да го испратите образецот, тогаш отпечатете го образецот и доставете го во писарницата на Дирекцијата за заштита на личните податоци или по пошта на оваа адреса ул. „Самоилова“ бр. 10, 1000 Скопје. (Дирекцијата за заштита на личните податоци е сместена во жолтата зграда на „Рубин кармин“ на Скопско Кале, односно во близина на црквата Св. Спас и Мустафа - пашина џамија).

 

Колку долго трае постапката за инспекциски надзор?

 

Рокот за постапување по иницијативата е утврден во Законот за заштита на личните податоци. Инспекторот доставува записник во рок од 30 дена од денот на завршување на инспекцискиот надзор до контролорот кој бил предмет на инспекцискиот надзор. Контролорот има право да достави забелешки по записникот во рок од 3 дена. По истекот на овие рокови инспекторот донесува решение за отстранување на утврдените повреди до контролорот. Дирекцијата за заштита на личните податоци ќе го извести подносителот на иницијативата за резултатот од постапката.